Динамо Загреб од 20:45 часот во Атина го игра реванш натпреварот од 3. прелиминарното коло во Лигата на шампионите против АЕК, а безбедносните мерки за тој натпревар се подигнати на највисоко можно ниво.
Според пишувањата на грчките медиуми, од утринските часови во Атина ситуацијата е како опсадна состојба, особено во населбата Нова Филалефија.
Мерките на претпазливост се драконски, по она што се случи минатата недела кога хрватските хулигани успеаја непречено да ја поминат речиси цела Грција и со помош на навивачите на Панатинаикос да стигнат до Нова Филаделфија, предизвикувајќи инциденти при кои животот го загуби 29-годишен навивач на АЕК.
Грчката фудбалска федерација презеде се за да ги спречи и заштити граѓаните и играчите, поради што ќе има илјадници полицајци внатре и надвор од стадионот ОПАП.
Ангажирани се и хеликоптери, а над и околу стадионот ќе кружат бројни дронови кои ќе даваат континуирана слика од самото место, додека контролата на сите што ќе дојдат на стадионот ќе биде темелна.
Како што соопштија од АЕК, портите на стадионот се отвораат три часа пред почетокот на натпреварот, а на трибините се очекува да има околу 30.000 гледачи.
Истовремено, според полицискиот извештај, темелни контроли ќе има и на граничниот премин Какавија каде влегле хрватските хулигани.
За потсетување, АЕК го доби првиот меч одигран во Загреб на почетокот на неделата со 1:2 и има голема предност за пласман во плеј-офот од Лигата на шампионите.