Шампионот Струга Трим Лум утре продолжува со извонредната фудбалска одисеја во Европа. Стружани се пред најголемиот успех во својата клупска историја, пласман во групната фаза од Конференциската лига на УЕФА, но пред себе имаат уште една пречка – исландски Бреидаблик. Во пресрет на мечот закажан за утре во Охрид, тренерот Дуро предвидува две тешки пресметки на два натпревари против исландскиот состав.
„Ова е извонредно достигнување за Струга Трим Лум, би рекол непредвидливо, но целосно заслужено со она што тимот го покажа на сите овие 6 европски натпревари. Веќе сме во фаза, би рекоSaл уште поважна, ни претстојат два меча да поминеме во групната фаза, па популарна е изреката дека апетитот расте. Ќе се обидеме да дадеме максимум, да ги подготвиме овие два меча, да играме, да настапиме и се надеваме дека ќе одиме понатаму“, изјави на прес-конференцијата пред мечот, Шпетим Дуро.
За ривалот од Исланд и за очекувањата од двата меча, Дуро додаде:
„Несомнено, заедно со тимот што го имам, го подготвуваме мечот на тактички план. Деновиве и покрај тоа што бевме зафатени со натпревари во првенството, го проучувавме противникот. Секој противник е тежок, но Бреидаблик игра физички фудбал, агресивен и да не заборавиме дека имаат и тројца играчи кои играат во репрезентацијата на Исланд. Имам голема верба во тимот, но убеден сум дека резултатот ќе биде отворен и на двата натпревари“, заврши Дуро.