МЗТ Скопје и Феникс вечерва (19:30 часот) во СРЦ „Кале“ ќе ги вкрстат копјата за првиот пехар пред почетокот на новата сезона, а тоа е во Супер-Купот „Драган Василов – Цефка“.
За разлика од минатата година, актуелниот македонски првак направи промени во ростерот, но оние клучни алки од домашни и искусни кошаркари ги задржа. Тука е двоецот Дамјан и Војдан Стојановски, а под обрачите Бојан Крстевски. Наподолнети со млади играчи и странци, МЗТ Скопје и во новата сезона ќе атакува на врвот.
„МЗТ Скопје Аеродром, нормално, ја прифаќа фаворитската улога. И секако ќе даде се да дојде до трофејот, кој ќе ни биде дополнителен мотив за остварување на целта во останатите натпреварувања што не очекуваат.
Суперкупот е специфичен натпревар, кој доаѓа непосредно пред официјалниот старт на сезоната и кој не секогаш го дава реалниот однос на силите помеѓу ривалите. Поради ова и е толку интересен, а секако и многу важен“, вели тренерот на МЗТ Скопје Васко Атанасов.