Алкалоид ја запиша и третата победа во низа во Супер-лигата откако го совлада Пелистер 2 со 40-29. На овој начин македонскиот вицепрвак остана на врвот на табелата во групата А. Со перфектен скор.
Битолчани на стартот на мечот поведоа со 2-3, по што избраниците на Кирил Лазаров со серија од 5-0 дојдоа на плус четири (7-3). Најголемата предност која домаќинот ја имаше во првото полувреме беше девет гола (23-14). На одморот битолчани намалија на 23-16.
За кратко време во вториот дел, Алкалоид со два гола во низа зголеми на први двоцифрени 26-16, а потоа ја имаше полесната задача. Битолчани беа немоќни, па негативата се зголемуваше, дојде на 34-21. Лазаров одлучи да одмори дел од носителите на играта и да им даде шанса на оние што добиваат помала минутажа.
Џонов и Митев со по седум гола беа први стрелци, Петковски имаше шест гола. На другата страна Маркоски имаше шест гола, еден помалку запиша Трпчевски.