Бадел 1862 секогаш чекор напред, во стилот на европските тимови ја најави сезоната (ФОТО)

598

Бадел 1862 е еден од оние клубови македонската женска кошарка кој е препознатлив по својата долгогодишна традиција. Низ годините се менуваа екипите согласно со условите, но токму Бадел 1862 успешно ги пребродуваше сите препреки и тешки моменти во женскиот свет на кошарката во Македонија, па засега останува уникатен по многу нешта.

Она што го прави препознатлив покрај титулите е вложувањето во младите генерации. Бадел 1862 и пред стартот на новата сезона има што да се пофали која станува збор за најмладите кошаркарки. Покрај тоа што како и претходните години ќе има своите претставници во сите младински категории, ќе им овозможи на своите кошаркарки да почувствуваат едно уникатно натпреварување, а тоа е учество во WABA до 17 години, каде ќе го гледаме и Вардар.

Веќе во последниот викенд од овој месец, Бадел 1862 ја почнува својата авантура, ќе биде дел од турнирот кој ќе се одржува во Шабац, а на кој ќе игра против домаќинот Дуга и Будуќност.

“Нашата цел е младите кошаркарки да стекнат уникатно искуство, а веќе од следната година да бележат и добри резултати. Ние ќе настапиме со многу помлади кошаркарки, три родени 2007 година, три 2008, пет кои се родени 2009 година и една 2010 година.

Иако можеби ќе бидеме најмлади во ова натпреварување, сепак кошаркарките се мотивирани, работат неуморно за да се претстават во најдобро светло, да прикажат добра игра, а зошто и да не изненадат и да остварат победи“, ни изјави првиот човек на клубот, Љупчо Павловски.

Бадел 1862 ја задржува и професоналноста, по примерот на големите клубови направи интересна фотосесија пред стартот на сезоната, нешто што во Македонија, речиси не го гледаме кај машките тимови, а уште помалку во женскиот спорт.

Што се однесува до сениорскиот состав. Амбициите не се менуваат, иако во новата сезона Бадел 1862 ќе биде без помошта на Марија Димитријевиќ и Кејтлин Метју. Во составот се врати Теа Митрева, која настапуваше седум години во сите возрасни категории, а тука е Софија Паска од Канада на центарска позиција.

„Нашата клупска политика е постојано да се потпираме на нашите млади кошаркарки од сопствените редови, па оваа година шанса ќе добијат Јована Димковска и Зара Стојковска, како и Мартина Марковска и Мартина Блажевска која имаше подолга пауза поради повреда со која се здоби за време на настапот за македонската репрезентација. На нив им се приклучуваат неколку кошаркарки од генерацијата 2007 и 2008, кои ќе бидат предводени од капитенот Сандра Лазаревска.

Бадел 1862 секогаш целел на високо, така ќе биде и оваа сезона и во сениорските и во младинските лиги“, додаде Павловски.

ПретходноМарковски „го губи“ рангот на АТП листата
СледноЃорческа со мал скок, а Стоилковска со ист ранг