Претседателот на ОФМ му врати на Матијашевиќ: Продолживте да манипулирате и да изнесувате невистини

1772

Петар Јовановски, првиот човек на Одбојкарската федерација на Македонија, му врати на поранешниот селектор Никола Матијашевиќ, кој изнесе низа обвинувања кон Јовановски, и кон одредени играчи и членови на стручниот штаб на националниот тим, само неколку дена откако беше сменет од позицијата селектор на македонскиот одбојкарскиот национален тим.

„Почитуван поранешен селекторе, ќе се обидам да го задржам своето ниво и да Ви дадам одговор на сето она што го напишавте, а со тоа што го изнесовте во јавноста продолживте да манипулирате и да изнесувате невистини.

Најпрво, да се вратиме на првиот настап за пласман на Европското првенство 2019. Се мачевме со репрезентации со реално послаб квалитет од нашиот, репрезентации коишто редовно сме ги победувале и пред Вие да бидете селектор!

Чекавме да се поклопат резултати од други групи за ние да се пласираме. Објективно, пласманот требаше да биде многу поубедлив и сами да го обезбедиме!!! Сепак, за постигнатиот успех ја имавте целосната поддршка од мене и од целата Федерација. Да ги споменеме и квалификациите во јануари годинава. Од само Вам познати причини, сакавте да отстраните играч од репрезентацијата без никакво објаснување и почнавте да не делите и да не раздвојувате во нашиот најсилен сегмент, а тоа беше единството во репрезентацијата. Да, по многу часови разговор и убедување, успеавме да го задржиме и да го вратиме играчот. Тоа не беше само мое лично мислење, туку тоа беше став на Федерацијата, а Вие продолживте да ги играте своите игри.

Да потсетам дека загубивме сет од Босна и Херцеговина и ја победивме на мускули, а без да навредувам никого, таа селекција е на пониско ниво од нас. Зошто не ја информиравте јавноста дека ве повикав Вас и играчите по првите два натпревара на турнирот и Ви соопштив дека доколку не ја направите промената, ќе бидете сменет од селекторската позиција, а дека одговорноста ќе ја преземам јас во случај на неуспех?!

Вие ја направивте промената и се пласиравме на Европско! Потоа повторно ги ставивме темните очила и ја продолживме соработката. Но дали за Вас се успех двата пораза од Данска на домашен терен и сребрениот медал во Европската лига со сите обезбедени услови за подготовка, со комплетно Ваш стручен тим, со групни натпревари и со завршен турнир на домашен терен, со подмладена Данска која претходно редовно сме ја победувале???

Поранешен селекторе, ќе Ви се заблагодарам што бевте дел од македонското одбојкарско семејство во минатите три години, но и ќе Ве замолам да престанете да вршите притисок и да ги чувате како заложници нашите играчи и нашиот нов селектор Душко Николиќ, Вие и Вашиот син-менаџер од само Вам познати причини. Ве замолувам да не оставите да победуваме. Победувавме пред Вас, победувавме со Вас и ќе победуваме без Вас!!!

Ви посакувам успешна работа каде и да сте. Претседател на ОФМ Петар Јовановски

ПретходноВоска се засили и со Берат Исмаил
СледноБританската влада испрати порака до италијанските навивачи: Не доаѓајте во Лондон!