Првпат во историјата во финале на Европското првенство ќе играат Англија и Италија. Од триумфот на Мундијалот 1966 година на претходниот „Вембли“, Англија изгубила во полуфиналните дуели на пет големи натпреварувања: ЕУРО 1968 и 1996, СП 1990 и 2018 како и Лигата на нации 2019.
Англискиот национален тим добро изгледаше до полуфиналето, играше сигурно, победуваше и немаше примено гол се до полуфиналето со Данска. Дамсгард ја начна нивната мрежа, па Англичаните мораа да вложат многу напор за да се вратат. Оној гол во продолженијата оценет како „контроверзен“ ги однесе во првото финале на ЕП и шанса на домашен терен да го освојат европскиот трофеј.
Италијанците беа шампиони во 1968 година, а потоа играа уште две финалиња на ЕП во 2000 и 2012 и ги изгубија (од Франција и од Шпанија). На ова ЕП, „Аѕурите“ одиграа одлично, беа сигурни, решителни и ефикасни. Се чини дека Роберто Манчини добро ги наместил коцките. Тимот нема пораз од септември 2018 година односно на 33 меча по ред. Импресивни бројки, а сето тоа би било уште поимпресивно ако се „грабне“ и титулата.
ФИНАЛЕ НА ЕУРО 2020
ИТАЛИЈА – АНГЛИЈА
Почеток: 21:00 ч.
Стадион: „Вембли“ во Лондон.
МОЖНИ СОСТАВИ
ИТАЛИЈА: Донарума – Ди Лоренцо, Бонучи, Киелини, Емерсон – Барела, Жоржињо, Верати – Киеза, Имобиле, Инсиње
АНГЛИЈА: Пикфорд – Вокер, Стонс, Мегваер, Шо – Рајс, Филипс – Сака, Маунт, Стерлинг – Кејн.
Да потсетиме Италија ја немаше на СП 2018, но ете се врати во голем стил на Европскиот шампионат. Нешто слично доживеаа Чехословачка во 1976, Данска во 1992 и Грција во 2004 кои не играа на СП, а потоа го освоија ЕУРО.
Дефанзивецот на Италија, Џорџо Киелини го знае рецептот за успех:
„Треба да одиграме со срце и со чиста глава. Ќе има моменти кога треба да покажеме храброст, а и да бидеме флексибилни. Не можеш да влезеш во мечот со помислата дека ќе го контролираш мечот 90 минути. Ова е финале и мора да се внимава на деталите, тие се клучни. Свесни сме колку е важен овој меч“.
Од друга страна Англија ги има зад себе навивачите. Тие на ова ЕП одиграа само еден меч надвор од Лондон, против Украина во Рим. „Гордиот Албион“ има импресивен ефект на „Вембли“ што е голема предност.
„Меѓусебната доверба е она што го влече напред овој тим. Уриваме бариери од меч во меч, но знаеме дека сега е финале и многу работи можат да се случат. Знаеме дека ова е голема шанса за нас, фановите очекуваат многу од нас и ќе се потрудиме да ги израдуваме“, вели англискиот голгетер Хари Кејн.
Околу здравствениот билтен, Италија го нема Спинацола во составот, додека кај Англичаните неизвесен за настап е Фил Фоден поради повреда.
Англија има импресивен ефект на „Вембли“, но Италија доаѓа со серија од 33 меча без пораз