Галевски царуваше против Охрид, Алкалоид остана единствениот тим без пораз (ФОТО)

247

За разлика од првата пресметка, Алкалоид и ГРК Охрид одиграа далеку поинтересен натпревар. Во Автокоманда видовме еден меч – налик дерби, кој на крајот му припадна на македонскиот вицепрвак, славеше со 30-24 и остана единствен тим без пораз и по деветото коло. Алкалоид има девет победи во исто толку одиграни меча, и со овој скор не само што е единствен, тој е лидер во својата група А.

Број еден играч беше Иван Галевски со 17 одбрани, 10 од нив во првото полувреме. Серафимов постигна шест гола, Бинго имаше пет. Кај ГРК Охрид, Орјоникидзе и Бојаниќ имаа по шест погодоци.

Гостите влегоа подобро од мечот, отворија со 1-3 и 2-4. На другата страна избраниците на Кирил Лазаров правеа бројни технички грешки, кои пак беа причина за затајувањето во нападот. Конечно, се разбуди домаќинот, врати со серија од 4-0 за 6-4. Кратко видовме промена на водството по што Алкалоид предводен од неверојатниот млад голман, Иван Галевски (десет одбрани во првиот дел) дојде на плус три (10-7), со истата позитива домаќинот замина на одморот (15-12).

Веднаш на стартот, македонскиот вицепрвак запиша водство од четири гола 16-12, беше и 20-15, но гостите сепак дојдоа до опиплива негатива од два до три гола, недозволувајќи му на противникот да се чувствува комотно.

Сепак на овој меч меѓу стативите, царуваше Галевски, повторно го подигна неговиот тим, во 52 минута благодарение на него, Алкалоид влезе во ритам и во 54 минута целосно го скрши отпорот на противникот, водеше со 27-21. Тука беше јасно дека овој меч повторно ќе отиде на контото на вицепрвакот.

ПретходноТорино триумфално кај Лече
Следно“Страчките“ двапати водеа, Вулфси двапати израмнуваа! (ВИДЕО)