Женската кошаркарска репрезентација вечерва во Скопје ќе го одигра и вториот квалификациски меч за Евробаскетот 2025. Иако играа добро во најголeм дел од гостувaњето во Португалија, нашите најдобри кошаркарки беа поразени во првиот квалификациски дуел. 72 часа подоцна ги чека уште еден, далеку посериозен предизвик за израничките на селекторот Александар Ашаданов. Ќе имаат, веројатно и ретка можност во своите кариери, да играат против еден од најдобрите европски селекции во изминатата деценија, онаа на Србија.
Вечерва, од 18 часот, во СРЦ „Кале“ (пренос на „Спортклуб“ 1 ХД), нашите девојки ќе му се спротивстават на топ-фаворит, не само во нашата „Г“ квалификациска група, туку веројатно и на Евробаскетот закажан да се игра во четири различни држави во 2025 година.
Србинките уште на отворањето на квалификациската фаза, против Украина, покажаа кој е кој во оваа конкуренција. Славеа со двојна разлика, 82:40, против сосема солидно рангираниот украински состав.
Една од најискусните кошаркарки во нашиот состав, Нена Трајчевска, очекува, извесно, доста тежок натпревар, гледано и според квалитетите на селекцијата која е наш гостин во СРЦ „Кале“.
„Очекувам еден многу тежок натпревар, бидејќи сите знаеме каква екипа имаат Србија и каде рангираат во женската кошарка во светот. Тие се апсолутни фаворити и таа улога им ја препуштаме без никакво размислување и со голем респект кон нив“ – потенцира кошаркарката со најголем стаж во нашата национална селекција.
Еден час порано (17.00), својот втор меч од оваа група ќе го одиграат селекциите на Украина и на Португалија.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ-ЖЕНИ 2025
ГРУГА „Г“
ДВОЈКИ 2. КОЛО – 12. НОЕМВРИ (НЕДЕЛА)
17.00: Украина – Португалија
18.00: МАКЕДОНИЈА – Србија