Македонскиот женски ракометен шампион Ѓорче Петров обезбеди место во осминафиналето на ЕХФ Еврпскиот куп, откако и на реваншот со белгиски Еупен славеше високо и убедливо со 48:36. Веќе утре ракометарките на тренерот Симе Симовски ќе го дознаат противникот за осминафиналната рунда во јануари.
Македонскиот шампион според рејтингот треба да се најде во првиот шешир во кој ќе бидат и екипите на Гран Канарија (Шпанија), Бјеловар (Хрватска), Јаликавак (Турција), Јувента Михаловце (Словачка), Лазне Кинзварт (Чешка), Бенфика (Португалија) и Салерно (Италија).
Од можните противници на ѓорчепетровки во вториот шешир, секако, најатрактивни ќе бидат шпанските тимови Елче и Гранољерс. Останати можни ривали се: Венло (Холандија), Млинотест Ајдовшчина (Словенија), Јенимале (Турција), Мадеира (Португалија), Пилаја (Грција) и Ериче (Италија).
Ждрепката за осминафиналето ќе се одржи утре во седиштето на ЕХФ во Виена со почеток во 11:00 часот.