Литванскиот тренер Шарунас Јасикевичиус триумфално го започна престојот на клупата на Фенербахче. Во еден од трите вечерашни дуели од 14. коло од Евролигата, Фенер го совлада Монако со 86:74 и ја прекина серијата од четири порази во сите натпреварувања.
Фенер до важна победа го предводеше Најџел Хејс-Дејвис со 23 поени, следен од Скоти Вилбекин кој постигна 13.
Кошаркарите на Валенсија го направија едно од најголемите изненадувања и го совладаа Олимпијакос во Пиреја со 63:56. Клучна вечерва во салата „Мир и пријателство“ беше втората четвртина која гостите ја решија во своја корист и ја одржуваа предноста до крајот.
Армани Милано ја совладаа Барселона на гости со 90:86 и направија уште едно изненадување денеска. Избраниците на Еторе Месина дојдоа во Каталонија по три последователни порази во Евролигата, но со одлична игра особено во првото полувреме остварија голема победа.
Најзаслужни за победата на Армани беа Девон Хол со 21, Шевон Шилдс со 19 и Николо Мели кој постигна 16 поени.