Претседателот на Здружението на професионални фудбалери на Англија и Велс за Sky Sports изјави дека фудбалерите се подготвени да побараат правна заштита поради зголемениот број натпревари. Махета Моланго изјави дека ФИФА сериозно го ризикува здравјето на фудбалерите со постојано зголемување на бројот на натпревари и додавање нови натпреварувања.
„Дојдовме во ситуација кога треба да се заштитиме. Тажно е каков е фудбалот денес, а голем пораз за фудбалот е тоа што фудбалерите треба да се заштитат себеси кога никој друг нема да го направи тоа наместо нив. Играчите се многу добро платени, но човечкото тело има свои граници, и тие постојано се преминуваат“, изјави Моланго.
ФИФА планира да воведе нов формат на Светското клупско првенство во 2025 година, во кое треба да играат 32 клуба. На следното репрезентативно Светско првенство во 2026 година во САД, Мексико и Канада ќе има 48 репрезентации и повеќе натпревари, а од следната сезона ќе се зголеми и бројот на натпревари во Лигата на шампионите.
Скај Спортс пишува дека Манчестер Сити би можел да одигра 86 натпревари во сезоната 2024/2025, заедно со Светското клупско првенство, што е страшно.