Македонската ракометна репрезентација е на пат за Дизелдорф, првата станица на Европското првенство. На стадионот „Мекур Шпил Арена“ нашите момци ќе бидат дел од историјата, ќе играат против Франција (10. јануари) пред повеќе од 50.000 гледачи.
„Црвено-жолтите“ немаа среќа, се најдоа во група со олимпискиот првак, домаќинот Германија, два кандидати за медал на овој еврошампионат, и селекцијата на Швајцарија која има состав за висок дострел, поискусен од нашиот.
Македонската репрезентација минува низ процес на транзиција, а за да дојде до нивото кое ние сите го посакуваме треба време. Кирил Лазаров на располагање има повеќе неискусни отколку искусни ракометари кога станува збор за големите натпреварување.
Токму еден од тој список е Петар Атанасијевиќ. Тој има 20 години, а ќе биде прва опција на Лазаров за левата крилна позиција. Членот на Пелистер е среќен што токму тој има можност да игра за националниот дрес.
„Да, јас сум најмлад во националниот тим. Чуството да е игра за македонската репрезентација, за својата држава е прекрасно. Сите сонуваат еден ден да го облечат националниот дрес и да заиграат за својата држава. И јас сонував и со напорна работа сонот ми стана реалност“, ни изјави Петар.
Македонија ја чека еден необичен натпревар, на стадион пред повеќе од 50.000 гледачи и тоа за два дена. Еве како Петар размислува за оваа историска средба.
„Чест и задоволство ми е што ќе бидам дел од таа историја и што првпат ќе играм на стадиот пред толку публика. Напорно се подготвувавме за ова Европско првенство, секако дека размислуваме за овој меч, ќе биде навистина уникатно искуство. Се надевам дека ќе имаме поддршка и од нашите навивачи и во Дизелдорф, и во Берлин“.
Предизвикот е голем, кога станува збор за нашата група, а најмладиот во нашите редови кратко објасни каква Македонија треба да видиме на ЕП, поточно што треба да не краси против една Франција, Германија и Швајцарија, друштво во кое нашата репрезентација е аутсајдер.
„Треба да видиме борбена Македонија, Македонија која ќе игра максимално до последната минута“.