СпортСпорт во Дизелдорф, Марија Ковачева
Македонската ракометна репрезентација денеска го отвара седмото Европско првенство по ред, вкупно осмо во својата историја. Нашите момци немаа среќа во ждрепката, ќе играат против двајца кандидати за освојување на медал, Франција и Германија, како и Швајцарија која има состав за далеку повисоки дострели.
Прв противник на историскиот меч (18 часот) на стадионот „Меркур Шпил Арена“ е актуелниот олимиски првак. Честа е голема за сите во националниот тим да бидат дел од историјата, натпревар пред 53.000 гледачи се игра сега и којзнае кога.
Ракометарите се свесни за силината на противникот, останува да одиграат борбено и мотивирано против „триколорите“ и секако да ужуваат во моментот и полните трибини.
„Сме гледале полни стадиони, сме присуствувале на такви натпревари, сме играле во полни сала, но невообичаено за ракометен натпревар да се игра пред повеќе од 50.000 гледачи. Стадион среден како спортска сала, да не се приметува воопшто дека е стадион туку сала. Самиот момент, преубаво е чувството. Истрчуваш на стадион, мислиш дека играш фудбал. За целиот спорт е историја. Привилегија и чест да отвориме такво првенство. Играме против најсилната екипа во моментов, актуелен олимписки шампион, секогаш игра за медал. Ние треба да уживаме во натпреварот и да дадеме максимум. Знаете, резултатот можеби нема да биде позитивен, но ако дадеме сѐ од себе, по натпревар можеме да кажеме – Тоа е тоа, дадовме максимум. Доста се спремавме, пробувавме со некоја промена, ако можеме нешто да изненадиме. Се надеваме на најдобро, па ќе видиме како ќе биде. Токму дека играме против најсилниот противник треба да бидеме под помал притисок, но не е дека ќе излеземе и без борба. Сите ќе мораме да одиграме најдобро што можеме“, ни изјави Талески пред денешната средба.