Фудбалерите на Реал Мадрид се први финалисти на Суперкупот на Шпанија по победата над Атлетико Мадрид со 5:3 во меч кој траеше 120 минути.
Во регуларниот дел средбата заврши 3:3, па лутите мадридски ривали мораа да одиграат плус уште 30 минути за да решат кој ќе игра во големото финале.
Атлетико вечерва поведе веќе во седмата минута кога Хермосо остана сам на втората статива и погоди за 0:1. Реал успеа да се соземе и да направи комплетен пресврт.
Ридигер на речиси идентичен начин како Хермосо со глава во 20 минута израмни на 1:1, а во 30 минута Карвахал упати топка кон левиот бек Менди, кој погоди за 2:1.
Атлетико во 37. Минута преку Гризман израмни и со овој резултат замина на полувреме.
Во вториот дел „јорганџиите“ први погодија. Во 78. минута Атлетико ја искористи лошата реакција на Кепа, а Ридигер ја погоди неговата мрежа за 2:3. Карло Анчелоти беше принуден веднаш да направи промени, внесувајќи ги Камавинга и Брахим Дијаз најавувајќи комплетна офанзива. Каврахал успеа да погоди за 3:3 и да избори продолженија.
Во продолжението, Атлетико немаше намера да нападне, а Реал целосно ја презеде иницијативата и во 116. минута Хоселу го совлада Облак за 4:3.Во последните секунди од мечот Брахим Дијаз успеа да погоди на празен гол за 5:3.