Денеска е последниот ден од главната рунда на Европското првенство. На програмата се мечевите од групата 1, а тука единствен тим кој е сигурен за полуфинале, тоа е Франција. За едниот билет ќе се борат Германија, Унгарија и Австрија.
Најреални шанси да му се придружат на актуелниот олимписки првак имаат ракометарите на Германија. Тие имаат пет бода, а играат против Хрватска, која пак за да се најде во олимписките квалификации, мора да загуби од домаќинот на ова ЕП. Германските ракометари последен пат во полуфиналето играа во 2016 година, а доколку стигнат до истото ќе играат против Данска.
Хрватите за пласман во квалификациите за ОИ, имаат уште едно сценарио. На првата средба од денешниот ден Исланд треба да ја победи Австрија, па мечот со Германија нема да има никакво значење, ако и Франција заврши работа против Унгарија.
Ова сценарио, најмногу му одговара и на организаторот на шампионатот.
Двојки: Австрија – Исланд (15:30), Франција и Унгарија (18), Германија и Хрватска (20:30 часот).
Табела: Франција 8, Германија 5, Унгарија 4, Австрија 4, Исланд 2, Хрватска 1.