Италијанскиот селектор Лучијано Спалети им забранил на репрезентативците Плеј-стејшн. Тој смета дека играчката конзола не им помага на играчите за време на подготовките за натпреварите.
„Можам да трпам мобилни телефони, но не и на масата за масажа или за време на третманите. Зборував за видео игрите бидејќи има работи што не ми се допаѓаат.
Сакам да ги оживеам тимските состаноци од минатото, старите навики и атмосфера. Едноставни и корисни работи. И Буфон ќе ми помогне во тоа. Ако е модерно да се игра плеј-стејшн до 4 часот наутро, а попладнето имаме натпревар, тогаш тоа не е убаво.
Живееме во свет каде што има малку поттик да се работи напорно за да се испотиш до степен на исцрпеност. Денешните момци претпочитаат да објавуваат фотографија од фризурата на Инстаграм, наместо да ја спуштат главата и да ги вртат педалите (во вежбална). Тоа не се вредностите што треба да ги пренесе италијанскиот национален тим“, изјави Спалети во интервју за „Газета дело спорт“.
Потоа посочи каква репрезентација на Италија сака.
„Во репрезентацијата треба да дојдете со оган во очите и срце што чука, играчите треба да бидат како глутница волци, кои се следат меѓу себе за да ги туркаат соиграчите напред и да не остават никого зад себе.
Италијанците бараат тврда и одговорна репрезентација, но и храбра. Тие доаѓаат во репрезентацијата за да го освојат Европското првенство, а не да победат во Кол оф дјути (видео игра – Call of Duty)“, изјави Италијанецот.
Да потсетиме, во март Италија ќе одигра два пријателски натпревари во рамките на подготовките за ЕП 2024 година. Против Венецуела и Еквадор.
На ЕП Италија е во група со Албанија, Шпанија и Хрватска.