Македонскиот ракометен шампион Е. Пелистер со пораз ги завршува натпреварите во групната фаза од Лигата на шампионите. Вечерва на гостувањето во Норвешка против екипата на Колштад, битолчани беа поразени со 34:27 и со 14 порази во исто толку одиграни меча го завршуваат своето дебитантско учество во најсилното европско клупско натпреварување.
Норвешкиот тим кој во последните 6 меча во групата не знаеше за победа, успеа да слави вечерва и да ја запише петтата победа во групната фаза. Колштад уште од првата минута на мечот ја презеде иницијатвата и направи солидна предност, која кон средината на првото полувреме се искачи и на +7 (11:4). Сепак, упорниот состав на Пелистер до одморот успеа да намали на четири гола негатива и да замине на одмор со 17:13.
Во вториот дел гледавме многу поизрамнета партија, но нашиот првак не успеа да намали од негативата. Колштад одржуваше константна предност од четири до пет гола, која некаде на 10-тина минути до крајот се искачи и на највисоките +7 (28:21).
Иако Е. Пелистер успеа да се врати на негативата од првиот дел, во самат азавршница Колштад успеа повторно да влезе во серија и да го реши натпреварот су убедлив триумф.
Лисе до 11 гола доминираше во домашниот состав, додека кај екипата на Е. Пелистер исто толку погодоци постигна расположениот Борзаш. Цветан Кузмановски, Танкоски и Ѓорговски завршија со по 3 гола во мрежата на Колштад.
Во меч од оваа група вечерва во Германија, екипата на Кил го прегази Загреб победувајќи со 33:22.