Од денеска нашата ракометна селекција на чело со селекторот Кирил Лазаров е во “погон“. Нашите ракометари, барем оние што се на списокот на Лазаров, се собраа денеска во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, а попладне ќе го одржат и првиот тренинг.
Пред нив е ЕХФ неделата во која во Браила, ќе одиграме две пријателски средби со Романија.
Се разбира дека овие контроли се со цел во што подобра форма го дочекаме двомечот во мај со Ф. Острови за пласман на СП 2025.
Лазаров за медиумите денеска имаше свој коментар за тоа што очекува од контролите со Романците:
„Ќе пробаме максимално да ја искористиме ЕХФ неделата, играчите што имаат помала минутажа да добијат поголема минутажа на овие две средби со Романија. Младите и перспективните играчи да се здобијат со искуство, за тоа што ни следи во блиска иднина. Романија е квалитетна репрезентација, има промена на селекторот. Очекувам една мотивирана Романија. Со нов селектор секогаш има една нова енергија. Играме на нивни терен, тоа е добро за нашите момци, да се навикнуваат да играат на гостински терен и поради фактот дека првиот меч со Ф. Острови ни е на гостински терен, барав како селектор оваа ЕХФ недела да ја искористиме и да играме два пријателски меча надвор од Македонија. Се надевам дека добро ќе ни дојдат овие два пријателски меча против една квалитетна селекција“ заврши Лазаров.