Репрезентацијата на Холандија со убедливи 4:0 ја победи Шкотска во пријателскиот меч меѓу две репрезентации учеснички на претстојното Европско првенство во Германија, кој вечерва се одигра на „Јохан Кројф“ арената во Амстердам. „Лалињата“ поведоа со голот на Реиндерс во првото полувреме, а во вториот дел комплетно го „размонтираа“ противничкиот тим постигнувајќи уште три гола преку Вајналдум, Вегхорст и Мален.
Одличен настап имаше и Унгарија која на домашен терен со 1:0 славеше на тест-мечот со Турција. И ова беше меч меѓу две селекции кои ова лето ќе настапат на Евро 2024. Голот за победа од пенал го постигна Собослаи.
Албанија, која исто така е учесник на ЕП 2024, денеска на пријателски меч во Италија загуби од Чиле со 0:3. Јужноамериканците славеа со головите на Варгас, Боладос и Давиља.
Романија и С. Ирска одиграа нерешено 1:1 на Националната арена во Букурешт.