Во мноштвото пријателски натпревари кои беа одиграни вечерва, резултатски во фокусот беа неколку дуели. Германија, која е домаќин на Европското првенство ова лето, оствари уште една победа под водство на селекторот Нагелсман, откако вечерва со пресврт славеше против силната Холандија со 2:1. Головите за домашните ги постигнаа Мителштад и Фулкриг, откако претходно Верман погоди за „лалињата“.
Голема сензација приреди Словенија, која на домашен терен ја надигра и совлада Португалија со 2:0. На Португалците не им помогна ниту Кристијано Роналдо кој беше стартер за гостите. Словенија победи со головите на Черин и Елшник.
Супер-интересно беше и на „Вембли“, каде Белгија со двата гола на Јури Тилеманс водеше против „Гордиот Албион“ со 2:1 до 95. минута. Потоа на сцена стапи Џуд Белингем, кој успеа да погоди и да обезбеди реми за својата репрезентација. Првиот гол за Англија беше дело на Ајван Тони од пенал.
На мечот на „Велодром“ во Марсеј, Франција дојде до минимална победа над Чиле од 3:2. Чилеанците поведоа со голот на Нуњез, по што следуваше возвратен удар од „галските петли“. Фофана, Коло Муани и Жиру погодија за 3:1, а во завршницата Чиле успеа да намали со голот на Осорио за конечни 3:2.
С. Ирска на гости со 1:0 ја победи Шкотска со голот на младиот фудбалер на Ливерпул, Конор Бредли, додека Швајцарија со голот на Џердан Шаќири на гости со 1:0 беше подобра од Р. Ирска. Австрија во пријателски меч ја прегаси Турција со 6:1, додека Луксембург со 2:1 го победи Казахстан.