Кошаркарите на Навико Академија ФМП извојуваа важна победа против Охрид на гостински терен во битката за опстанок во домашната кошаркарска елита. Вечерва во првиот меч од новата рунда, Охрид на домашен терен беше поразен од скопскиот состав со 88:93.
Мечот донесе доста возбудувања со оглед на тоа што и двата тима имаа свои периоди на мечот. Навико Академија ФМП одигра подобро во првиот дел кога и направи предност на одморот од 4 поени, додека Охрид беше подобар во третиот период кога комплетно се врати во мечот. Сепак последните 10 минути им припаднаа на гостите.
Кај победничкиот тим Робертс со 28 и Петровски со 21 поен беа носители на оваа победа, додека кај Охрид најефикасен беше Андерсон со 32 поени.