Фудбалерите на Интер на пет кола пред крајот на Серија А го освоија Скудетото. „Нероаѕурите“ вечерва остварија победа од 1:2 против големиот градски ривал, Милан и со вечерашната победа на „Сан Сиро“ станаа нов шампион на Италија.
Интер во овој натпревар влезе како апсолутен фаворит и тоа набрзо се одрази на теренот. По 18 минути игра Ачерби го отвори резултатот, а за 0:2 стрелаше Турам во 49-тата минута.
Почесниот погодок за Милан го постигна Фикајо Томори во 80-тата минута. До крајот фудбалерите на Милан имаа неколку убави шанси и се обидоа да изедначат, но не успеаја во намерата и Интер освои нови три бода. Мечот не го завршија Тео Хернандез, Думфрис и Калабрија кои добија црвени картони во судиското надополнување по една жолчна расправа која кулминираше во мала тепачка.
Со оваа победа Интер собра 86 бодови, 17 повеќе од второпласираниот Милан и на 5 кола до крајот на сезоната имаат недостижна предност. Милан остана на втората позиција на табелата и скоро извесно е дека ќе настапува во групната фаза на Лигата на Шампионите следната сезона.