Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти зборуваше во пресрет на утрешниот реванш натпревар од Лигата на шампионите против Баерн Минхен. Првата средба во Германија заврши 2:2.
„Мораме да дадеме максимум, тоа е полуфинале. Еуфоријата на титулата е тука, но и големите тешкотии. Реал Мадрид и Баерн се слични клубови. Има голема традиција и голема почит меѓу нив. Реал Мадрид и Баерн се веројатно двете најопасни екипи во транзиција, но тоа е нешто што можете да го контролирате.
Секогаш имаме голема самодоверба бидејќи ние сме Реал Мадрид. Го имам најдобриот состав и тимот се снајде многу добро оваа сезона. Навивачите се неверојатни и сега уживаме но утре е потребно фокусирање. Очекуваме уште една еуфорична вечер на Бернабеу“, започна Анчелоти.
За тоа кој ќе биде меѓу стативите, Анчелоти го посочи Украинецот.
„Лунин ќе започне како стартер. Куртоа се снајде многу добро, но му треба време. Се надевам дека ќе одиграме подобро во одбраната отколку на првиот меч“, додаде Италијанецот.
„Играчите се сменија од 2014 година, кога ја освоивме десеттата титула во Лигата на шампионите, но најважно е што сè уште имаме момци како Модриќ, Крос, Карвахал, Начо, кои многу ми помогнаа во преодниот процес од генерација на играчи на друг“, објасни тренерот на Реал Мадрид.
Анчелоти повторно беше запрашан за неговиот неуспешен период во Баерн:
„Тоа е стара приказна. Поддршката од клубот е фундаментална, но кога работите не одат како што треба, мора да се разделите, ништо друго. На овој начин се избегнуваат проблеми. И имам фантастичен однос со клубот, многу го почитувам Румениге и сите таму“.