По повеќечасовен лет, експедицијата на Шкупи, на полноќ пристигна на Азорските острови. Поточно на островот Сао Мигел во градчето Понта Делгада, кое има не повеќе од 3.500 жители, каде вечерва на стадионот „Сао Мигел“ ќе го одигра реваншот против Санта Клара, една од најдобрите екипи во Португалија.
На патот кон Азорскиот архипелаг, кој од Европа е одалечен повеќе од 1.500 км и се наоѓа среде Атлантскиот океан, експедицијата имаше кус одмор во Порто. Потоа уште нови 2,5 часови лет за да се стигне до Понта Делгада. И сето тоа патешествие траеше околу 9 часа. Толку е далеку тој Азорски архипелаг и островот Сао Мигел, наречен уште и „Зелениот остров“.
Инаку и покрај напорниот лет, атмосферата во таборот на тимот на Гоце Седлоски е добра. Се очекува добар настап, во рамките на своите можности. Познато е дека Санта Клара во Скопје победи со 3:0.
На овој реванш меч од 2.квалификациско коло во Конференциската лига, Седлоски нема да може да смета на неколку свои клучни играчи. Новаците Марјан Радески, Валид Хамиди и Мухамеду Бери нема сигурно да настапат, а мали се шансите да играат Кире Маркоски и Константин Чешмеџиев поради мали здравствени проблеми.