Игор Тудор седна на клупата на Лацио пред три месеци, меѓутоа можно е да добие отказ ова лето и римскиот клуб да донесе нов тренер. Причината е што играчите и тренерот не се во добри односи.
Иако римски „Месаџеро“ објави дека тоа не е точно, сепак, новинарот Николо Скира тврди дека се разгледуваат други опции.
„Иднината на Тудор во Лацио е под прашалник и покрај тоа што Лотито демантира. Хрватскиот тренер не е во добри односи со многу играчи (Гендузи, Ровела, Исаксен, Каталди, Имобиле, Ромањоли и Луис Алберто) и затоа Лацио размислува дали да го продолжи овој проект или ќе го промени тренерот“, порача Скира.
Инаку договорот на Тудор со Лацио е со важност за уште една цела сезона, а Лацио ќе треба да му плати отштета ако го отпушти.
И во Марсеј, Тудор имаше проблеми со играчите.