“Еколог“ спрема голема чистка во Шкендија!

4280

Пишува: Зоран Ѓоршоски

 

По мизерниот настап во Европа, по катастрофата на Шкендија во квалификациите во ЛШ и КЛ, како што велат нашите информации, спонзорот на шампионот, „Еколог“, има и тоа како намера да направи чистка во клубот. Имено тоа денеска јавно го побараа и најверните фанови на Шкендија, навивачите “Балисти“, кои “удрија“ не само по тренерот Ернест Ѓока, туку и по некои играчи, но и по раководството на клубот.

Јасно е дека Ѓока е минато свршено време, прашање на час или ден кога тој ќе добие “шуткарта“ и веројатно од тие кои го донесоа најслабиот тренер во историјата на клубот. Токму тие ќе го „шутнат“ Ѓока само себе си да се спасат од “чистката“ која ја подготвува „Еколог“.

Значи Шкендија мораше да реагира веднаш по тие 0:5 од Мура. Имено клуб како Шкендија мораше да знае дека тетовци станаа прваци во минатата сезона не поради нив или поради Ѓока, туку поради ужасно слабиот квалитет на останатите екипи во ПМФЛ.

На Шкендија и требаше рестарт во јуни, посебно и требаше рестарт по тој ужас со Мура. Но и сега веќе не е доцна, првенството започнува во следниот викенд, и кој ќе биде донесен место Ѓока ќе биде подобар. Оваа сезона нема да биде така лесно, посебно кога се појави Шкупи со Седлоски на чело на тимот, а Шкупи и осетно се засили. Тоа сите го знаат.

Рековме веќе, „Еколог“ спрема чистка. Во нејзе би требало да се најдат и луѓето од управата, потоа целиот стручен штаб, и најверојатно неколку играчи. Посебно тука се мисли на странците, но и на некои во тимот кои досега беа недопирливи.

Токму затоа уште од синоќа, а посебно утринава, почнале јавувањата до некои познати тренери од страна на управата на Шкендија со понуди да седнат на клупата. Ова се прави и со цел управата колку толку да ја поправи работата и да се оправда кај спонзорот. Има и такви кои сами си се “промовираат“ преку пуштање “информации“ во медиумите.

Ќе видиме како ќе се одвиваат работите во таборот на нашиот шампион во следните часови и денови. Само се знае дека ситуацијата во клубот не е воопшто розова.

Тоа го потврдуваат и фановите, тие кои што најмногу ја сакаат Шкендија. И тоа не е тајна. Ти упорно да му даваш шанса на тренер кој е загубен во просторот, кој не знае од оваа силна екипа да го извади максимумот, тогаш јасно е дека и ти си виновен.

ПретходноЖута официјално во Валеренга
СледноДваесет спортисти си одат дома поради допинг