Победа за македонските тенисери во вториот дуел од Третата Европска зона од Дејвис купот во Улцињ. Македонија ја совлада Словенија со 2-1 и за конечниот пласман на табелата во групата А ќе го чека исходот од утрешниот меч меѓу домаќинот Црна Гора и Словенија.
Решавачкиот поен за Македонија стигна во мечот во двојки, кој траше само еден гем од причина што словенечкиот тенисер Бор Артнак беше принуден да побара медицинска помош. Имено тој претходно на Словенија и донесе изедначување од 1-1 со победата во вториот сингл над Шендрит Деари, но очигледно заморот од тој меч го направи своето и Словенија мораше да го предаде мечот во двојки.
Инаку, денешниот ден почна одлично за Македонија откако Берк Бугариќ донесе водство од 1-0 со победата над Матиц Крижник од 2-0 во сетови (63 63) за 1 час и 56 минути игра. Бугариќ имаше целосна контрола во мечот откако во првиот сет поведе со 3:0 во гемови и сетот го заврши со 6:3. Во вториот сет по неколку брејка за двајцата тенисери Берк поведе со 5:2 и „го однесе мечот во мирна завршница“. И вториот сет заврши со 6:3 во гемови.
Во вториот сигл меч Шендрит Деари играше против Бор Артнак, во меч кој Македонија го загуби, но имаше влијание за конечен триумф. Во првиот сет до 10-тиот гем немаше брејк, а потоа по 16 одиграни поени Артнак направи брејк, а Деари спаси две сет топки. Во вториот сет се водеше голема борба за секој поен (48:47 заврши сетот на поени за Артнак). Деари водеше со 4:1 во гемови, а словенечкиот тенисер изедначи на 4:4. Деари поведе и со 5:4, но ривалот изедначи на 5:5 и поведе со 6:5, па Деари успеа да изедначи на 6:6 за тај брејк. Во 13-тиот гем Деари водеше со 4:2 на поени, но со серија од четири поени Артнак поведе и ја задржа предноста, која му овозможи победа во тај брејкот од 7:5 и триумф во мечот.
Во мечевите од Б групата: Молдавија – Азербејџан 3:0 и Кипар – Косово 3:0. Утре за прво место во групата ќе играат Кипар и Молдавија, а за третото место и опстанок во Третата зона ќе играат Косово и Азербејџан.
Македонската репрезентација следниот меч го игра в сабота, а противникот ќе биде познат во зависност од утрешните мечеви.