Шпанските кошаркари Марк Гасол, Алберто Абалде и Усман Гаруба, кои настапуваат за шпанската репрезентација на Олимписките игри во Токио се ставени во еден вид полуизолација, ако може така да се нарече поради контакт со лице заразено со КОВИД-19, соопшти локалната федерација.
Љубопитно во овој случај е што тројцата имаат право да тренираат заедно со своите соиграчи и да учествуваат на натпреварите, но пред и потоа треба да останат во одделни простории, а исто така да одат или враќаат со други превозни средства.
Контактот со заразениот се случил на 21 јули кога шпанската делегација летала од Лас Вегас кон Токио. Тоа значи дека Гасол, Абалде и Гаруба ќе можат да играат во последниот меч од групната фаза против Словенија во недела. Тоа е дуел за првото место во групата. Инаку и двата тима се веќе во четвртфиналето на кошаркарскиот турнир на ОИ.