ФИФА и одзема шест бода на женската фудбалска репрезентација на Канада на Олимписките игри во Париз и суспендираше тројца тренери бидејќи користеле дронови за набљудување на тренинзите на противничките репрезентации.
Двајцата помошни тренери на Канада, Џозеф Ломбарди и Јасмин Мандер, беа фатени како го снимаат тренингот на Нов Зеланд со дронови, пред дуелот меѓу двете репрезентации на Олимпијадата.
ФИФА ги суспендираше Ломбардија и Мандер, како и селекторката Бев Пристман, на една година, а за тоа време тие нема да можат да бидат тренери.
Покрај тоа, ФИФА го казни Канадскиот фудбалски сојуз со 200.000 швајцарски франци.
Меѓународната фудбалска организација ги обвини Пристман и нејзините помошници дека се одговорни за навредливо однесување и кршење на принципите на фер-плеј, а канадската федерација како одговорна што не се погрижила стручниот штаб да ги почитува правилата на турнирот.