Лазаров: Стратегијата и амбицијата останува иста – произведување на македонски играчи

90

Алкалоид домашната база во „Автокоманда“ ја замени со тренинг камп на Маврово, каде што ќе остане десетина дена. Практично ова ќе биде основа на која ќе се гради посакуваната натпреварувачка форма потребна за битката на четирите фронта која ќе почне со дуелот од македонскиот Суперкуп.

Сезонава на располагање на тренерот Кирил Лазаров ќе бидат и четири нови ракометари кои дојдоа во летниот преоден рок и треба да ја надополнат и балансираат екипата. Тие се веќе во тренажен процес и се вклопуваат со системот на работа на РК Алкалоид. Нивните амбиции се јасни, а очекувањата големи.

„Ние од формирањето на клубот голема шанса даваме на македонските играчи, тоа ни е целта, стратегијата и амбицијата – произведување на македонски играчи. Во тој процес мора да сме трпеливи затоа што е тежок. Најтешко е кога треба да создаваш, ама во исто време и да победуваш, затоа што тимот е таков, победнички.
Се наоѓаме пред третата сезона по ред во Суперлигата и мислам дека од сезона во сезона напредуваме во секоја смисол. Нормално е да си одат играчи низ годините, а нови да доаѓаат, тоа е природната селекција. Се надевам дека оваа сезона ќе бидеме поквалитетни со играчкиот кадар во кој имаме четири нови имиња.

Добиваме доста на голманската позиција со Марко Кизиќ кој е стандарден репрезентативец, кој ќе го имаме заедно со Галевски и Трајковски кои исто така се квалитетни. На десната крилна позиција го добиваме искусниот Никола Костески, што ни беше потребно затоа што таму имавме само млади имиња. Михаил Ивановски заслужува да го носи дресот на Алкалоид како млад и потенцијален играч, а со нас тука е и португалскиот новак Франциско Оливеира да Силва. Се работи за поливалентен играч, бек кој со своите карактеристики можеби ни недостасуваше во тимот. Се надевам дека ќе се вклопи брзо и ќе биде дополнителна вредност во нашиот ростер“, вели Кирил Лазаров, кој во новата сезона заедно со неговите момци влегуваат како бранители на трофејот во Купот на Македонија.

Предводникот на Алкалоид потенцира дека ги чека голем предизвик и во новата сезона, но како и претходно, главната цел е да бидат се подобри.

„Ние ќе одиме чекор по чекор. Знаеме деа конкуренцијата е силна. Нашите конкуренти се засилуваат, македонското првенство станува силно. И тоа ме радува, затоа што потребна ни е таква лига за да расте и нашата екипа. ЕХФ Европскиот Куп ќе биде ново искуство за нас. Минатата година бевме во ЕХФ Европската лига, ја почувствувавме сласта на победата, како и на нерешениот исход. Во борба сме за четири трофеи оваа сезона – Суперкупот, Купот на Македонија, првенството и ЕХФ Купот, но нема да брзаме никаде. Не чекаат многу предизвици оваа сезона и ќе тежнееме да бидеме се подобри“.

ПретходноГерманија ја спакува Грција и за првпат во историјата ќе игра полуфинале на ЛОИ
СледноВладата со три милиони денари ќе ги награди златните момчиња