Најдобрата машка одбојкарска репрезентација на Македонија попладнево од 14 часот (📺 Арена Спорт 4) во Тбилиси ги започнува новите квалификации за обезбедување место на следното Европско првенство во 2026 година. По три учества на завршницата на континенталните првенства, Македонија ќе се обиде успешно да мине уште еден квалификациски циклус и преку Грузија и Грција да се избори за настап на завршниот турнир на првенството на Стариот континент по две години.
Иако за разлика од последните настапи на ЕП во Скопје нашата селекција има видни промени во составот, избраниците на новиот селектор Хари Наковски се оптимисти. И пред заминувањето за Тбилиси посочија дека Македонија ѐ, и мора да ја задржи улогата на фаворит на дуелите со Грузија, против која посакуваме најмалку две победи. Токму затоа, денеска ќе мора да се одигра еден квалитетен и умен натпревар и да се обезбедат првите бодови на контото во квалификациската група „Ф“.
Грузија не е селекција од врвот на европската одбојка, но сигурно ќе се обиде да не изненади, особено што мечот го игра пред своја публика. Дуелот е закажан во „Спорт Палас“ во Тбилиси, а судискиот пар кој ќе ја дели правдата го сочинуваат Тудор Поп од Романија и Томаш Бухар од Чешка.
Селекторот Наковски за овој дуел на располагање има 13 одбојкари:
1. Ангеловски (либеро); 2. Ѓ. Ѓоргиев (техничар); 3. Е. Ричлиев (техничар); 4. Н. Ѓоргиев (коректор); 5. Милев (примач); 6. Арсов (коректор); 8. Љафтов (примач); 9. Лепидовски (среден блокер); 15. Маџунков (среден блокер); 16. Илиев (примач); 17. Костиќ (примач); 19. К. Ричлиев (либеро); 20. Савовски (среден блокер).
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026
ГРУПА „Ф“
1 КОЛО
14:00 Грузија – МАКЕДОНИЈА (📺 Арена Спорт 4)
2 КОЛО
25.08 МАКЕДОНИЈА – Грција
3 КОЛО
29.08 Грција – Грузија