Репрезентацијата на Србија одигра без голови против европскиот шампион Шпанија во Белград на првиот меч од групата во Лигата на нациите. Во комбиниран состав, по пензионирањето на капитенот Душан Тадиќ и отсуство на неколку главни играчи, „орлите“ издржаа против фаворитот.
Голманот Предраг Рајковиќ имаше неколку успешни интервенции но и среќа кога Јамал и соиграчите шутираа од сите агли, а од друга страна Србите можеа да казнат преку Лука Јовиќ во првото полувреме. Напаѓачот промаши зицер во дуел со голманот Раја.
Србија наредниот меч го игра против Данска во Копенхаген, а Шпанија ќе игра во гости со Швајцарија.
А Хрватска загуби на гостувањето кај Португалија со 2:1. Португалците водеа со головите на Далот и Роналдо по 34 минути игра. Пред крајот на првиот дел Хрватите намалија со автогол на Далот. Роналдо го постигна 900. гол во кариерата.
Во вториот дел резултатот не се менуваше.
На другите мечеви: Шкотска – Полска 2:3, Данска – Швајцарија 2:0.
Азербејџан – Шведска 1:3, Белорусија – Бугарија 0:0, Естонија-Словачка 0:1, Северна Ирска – Луксембург 2:0.