Лоша партија и само еден бод за нашата фудбалска репрезентација на стартот на новиот циклус од Лигата на нации. Катастрофално прво полувреме, привидна доминација во второто, по еден гол од пенал, и по неколку промашени зицери на двете страни е епилогот на дуелот во Торшавн.
Избраниците на Благоја Милевски не успеаја да ги прокнижат планираните и посакувани три бода на стартот од новото издание на Лигата на нации, откако попладнево на гостувањето кај Фарските острови одигравме 1:1. Дозволивме уште на почетокот да примиме гол од белата точка (Давидсен 9′), а потоа со само еден шут во првиот дел и не успеавмепосериозно да им се заканиме на домаќините.
Во второто полувреме видовме многу подобра и потечна игра, но и многу лоша завршница на нападите. Добивме заслужен пенал во 48. минута кој Барди го претвори зво израмнување за 1:1, а потоа Чурлинов и Ќамили имаа зицери за водство, но не ги искористија. Рака на срце одлични контранапади со лоша завршница имаа и домашните.
Иако имаше пошироки опции на клупата, Милевски се одлучи на само три замени (Алисоки, Ќамили и Илиевски), но ниту една од нив не даде ништо повеќе од она што веќе го имавме на теренот.
И селекторот и играчите треба да направат сериозна анализа на она што се случуваше во Торшавн, бидејќи за само три дена не очекува меч со многу посилната Ерменија во Скопје.
ЛИГА НА НАЦИИ – ЛИГА Ц – ГРУПА Ц4
ФАРСКИ ОСТРОВИ – МАКЕДОНИЈА 1:1 (1:0)
Торшавн, стадион Торсволур, Судија: Лукјанчукас (Лит), Стрелци: Давидсен (9′ п.) / Барди (49′ п.). Ж. картони: Чуквунди, Едминдсон, Ериксон (ФО); Илјазовски, Серафимов, Алими (МК)
ФАРСКИ ОСТРОВИ: Рејнатрод – Давидсен, А. Едминдсон, Чуквуди (Асхам 46′), Даниелсен – Г. Ватхамар (Кнудсен 84′), Соренсен, С. Ватхамар – Олсен (Јохансен (84′), Јонесен (Микелсен 66′), Ј. Едминдсон (Јустинусен (66′)
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски – Муслиу, Серафимов, Илјазовски (Алиоски 46′) – Митровски (Ќамили 46′), Барди, Алими, Димоски – Елмас, Миовски, Чурлинов (Илиевски 77′)