Гибралтар – Македонија 0:2 епилогот од денешната квалификациска средба во групата – Ц за пласман на ЕП 2025. По тие срамни 5:0 од Холандија, У-21 на Македонија со една просечна игра успеа да слави на гостувањето кај Гибралтар и да ја забележи третата победа во групата.
Стрелци на головите беа тандемот на Шкендија, Крстевски и Адеми уште во првото полувреме.
Значи не така сјајна игра, за тоа треба да се има и добар селектор а не Драган Канатларовски, но победа си е победа и три бода си се три бода.
Инаку за малку шок уште во 2.минута кога домашните од слободен удар можеа да поведат, среќа што ја погодија пречката. Уште во неколку наврати се заканија, на нашите младинци им требаше време да се адаптираат на теренот и силниот ветер.
После 20 минута работите како полека да си дојдоа на свое место. Прво во 24.минута по асистенцијата на Адеми, неговиот клупски соиграч од Шкендија, Крстевски погоди за 0:1. По тој гол, по тоа водство секако дека беше полесно. Македонија почна да креира акции, а во 42.минута и 0:2 за нас, откако Адеми се најде сам пред домашниот гол и погоди за удвојување на водството.
Треба да се каже дека претходно Адеми беше во шанса за гол, но неговиот шут со ножички не донесе радост.
Во второто полувреме нашите младинци ги диктираа настаните на теренот, сепак и слабиот Гибралтар им помогна во тоа. Имаше неколку обиди, закани и шанси.
Треба да се каже дека во 84.минута домашната селекција остана со играч помалку кога Переира заработи втор жолт или црвен картон по еден остар старт.
Македонија на овој натпревар настапи со следниот состав:
Алчевски, Деспотовски, Рамадани (78. Ангелов), Стојчевски, Џеков, Николов (90. Мелиќи), Фета (66. Чилафи), Крстевски, Исаки (45. Ѓорѓиевски), Трпчевски (90. Рамани), Адеми.










