Пелистер поразен, но не и посрамотен во Париз!

969
Фото: ПСЖ/Твитер

Пелистер со пораз ја отвори новата сезона во Лигата на шампиони. ПСЖ дојде до планираната победа против актуелниот македонски првак, но не според очекувањата, славеше со минимални 31-29. Она што е најважно за битолчани е што не се посрамотија против францускиот тим, иако имаа негатива од осум гола на стартот на второто полувреме, сепак успеаја да се заканат посериозно, за жал не остана време за целосна сензација. Кога сме кај поразите, ако ги земеме во предвид тие од лани, ова е 15-ти пораз во низа за Пелистер.

Филип Кузмановски имаше осум гола од 11 обиди, зад него беше Жарко Пешевски со шест погодоци. На другата страна Паличка запиша десет одбрани, Шипжак 11 гола, додека пак Стејнс пет.

Оваа средба беше решена по само едно полувреме, избраниците на Раул Гонзалес имаа предност од пет гола (18-13). Битолчани на овој дуел имаа три пати водство, на стартот со 1-2, 2-3 и 3-4. Од овој момент ПСЖ направи серија од 4-0 за 7-4 и полека, но сигурно го наметна својот ритам. Најголемата позитива беше пет гола (17-12 и 18-13 на полувреме).

Фото: ПСЖ/Твитер

ПСЖ продолжи да доминира и по одморот во 40-та веќе водеше со плсу осум 25-17. По овој резултат се чинеше дека мотивот ќе згасне брзо, но Пелистер најде начин како да се доближи на три гола негатива (26-23) на стартот на 50-та минута. Нереализиран напад на домаќинот, нашиот тим го искористи за да намали на 27-25, па на 29-27 и тоа благодарение на бомбите на Филип Кузмановски. Иако видовме резултатска нишалка и Пелистер намали на 30-29 на 30 секунди до крајот, сепак тоа не создаде паника кај ПСЖ, Стејнс стави печат на победата за 31-29.

Следен противник на Пелистер во ЛШ е Фуксе Берлин, мечот се игра на 18-ти во Битола, претходно македонскиот првак ќе го пречека тимот на Струга во рамките на Супер-лигата.

ПретходноНи Германците не се тоа што беа: Теренот на „Алијанц Арена“ во Минхен бил во очајна состојба!
Следно“Го имаме новиот Томас Милер, сакаме да остане во Баерн во наредните 20 години“!