Актуелниот македонски првак, МЗТ Скопје има три главни цели оваа сезона. Покрај одбраната на двојната круна, тимот од Аеродром најави дека враќањето во АБА-лига ќе биде исто во фокусот.
Каков ќе биде македонскиот тим оваа сезона и со какви сили ќе располага ќе видиме денеска (18 часот) во СЦ „Јане Сандански“. Токму од домашен терен МЗТ Скопје ја почнува својата нова авантура во АБА2-лига, за противник го има тимот на Тиват.
„Сакам да изразам благодарност што и оваа сезона ќе ја почнам како капитен на МЗТ Скопје. Имавме добар подготвителен период, одигравме доволен број на натпревари и подготвени го дочекуваме стартот на обврските во АБА2. Мислам дека оваа екипа има квалитет за влез во јадранската елита, но мораме да одиме чекор по чекор и со помош на нашите навивачи да го вратиме МЗТ каде што му е местото“, изјави Дамјан Стојановски на прес-конференцијата.
МЗТ Скопје ги задржа браќата Дамјан и Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Андреј Андоноски, Марин Петков, Марко Миловановиќ и Марко Баковиќ, а ги ангажира Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Милош Копривица, Брандон Слај и Дион Едвин.