Ракометарите на Е. Пелистер вечерва (20.45 ч.) во Битола ќе се обидат да ги обезбедат првите бодови во новата сезона од Лигата на шампионите.
По трите стартни порази од ПСЖ, Фухсе Берлин и Динамо (Б), битолските „зелено-бели“ пред своја публика го пречекуваат португалскиот шампион Спортинг од Лисабон, со надеж дека можат да дојдат до првата радост.
Сепак, не смее да се заборави фактот дека Португалците имаа импресивен старт во групата и во првите три кола имаат исто толку победи. Спортинг е лидер во групата „А“, а особено импресионираше со победата над Веспрем во последното коло.
„Се надевам на наше одлично издание. Спортинг е добро компонирана екипа, бековската линија со браќата Кошта и Натан е нивни адут. Играат брзо, модерно и тешко е да се направи фаул врз нив. Нивната одлика е ефикасниот напад, кој постигнува преку 40 голови по натпревар. Последната победа против Бенфика од петнаесет голови разлика не беше случајна, делуваат моќно во транзиција“, изјави пред мечот тренерот на Пелистер, Бранко Ангеловски.