Кметовска: Не сме без шанси, напротив ќе дадеме се од себе за прва победа!

30

Македонаката женска кошаркарска репрезентација вечер (18 часот) во СРЦ „Кале“ против Украина ќе се обиде да дојде до првата победа во групата „Г“ од квалификациите за Евробаскетот во 2025 година.

Македонија и Украина во досегашниот тек од квалификациите запишаа по два порази, ние од Србија на домашен терен, и Португалија на гостински. Сличен е патот на нашиот противник, макар што пред една година, Украина настапуваше без својата, и дефинитивно, најдобра кошаркарка, Алина Јагупова.

Кај нас позитивна работа е што во тимот повторно е Александра Стојановска. Една од нашите најискусни кошаркарки се враќа во националниот тим, и ќе биде од голема помош во онаа стартна, проектирана петорка  во која, многу веројатно, ќе има место за Анџелика Митрашиновиќ, Нена Трајчевска, Ивана Кметовска и Мерит Хемпе.

Во актуелниот ростер ги нема Марија Димитријевиќ, Климентина Модева и Сања Адамовска, но тука се да помогнат и Илина Селцова, Елена Тасевска, Михаела Алексовска, Поп Димитровска, Николиќ, а своите минути да ги чека и најмладата во овој тим, Ања Начевска…

„Времето за некои сериозни подготовки за вакви натпревари е навистина доста кратко. Добра работа е што сите овие денови ќе бидеме дома, во Скопје, и што нема да патуваме, што е доста олеснителна околност кога треба да се одиграат два натпревари во рок од три-четири дена. Во овие неколку денови се обидовме да поставиме некои работи на кои работевме и во претходниот циклус. Секако со некои тактички промени, со оглед на тоа дека играме против една репрезентација коај има доста квалитетни кошаркарки, и тој нивни резултат во претходниот циклус делува и како нереален. Сега се во изменет ростер во кој ја имаат и својата најдобра кошаркарка, што ни ја потежнува работата“, изјави Ивана Кметовска.

Јасно е дека Кметовска, заедно со Хемпе ќе се обидат да ја сопрат Алина Јагупова, од каде се заканува најголемата опасност по нашиот кош.

„Нема да биде лесно, но мислам дека сега сме доста поискусни, оваа екипа одигра два натпревари, со нас сега е и Стојановска. Оваа година предност е нашиот ростер. Генерално, сите наши играчи од странство и од домашното првенство се во добро здравје и на располагање на селекторот. Играме заедно долго време, се познаваме меѓусебно, и мислам дека тоа е еден голем, позитивен фактор кој соодветно ќе се одрази и на теренот.

Видовме, особено на средбата со Португалија, дека можеме да бидеме рамноправни, а сега, на домашен терен, со публиката која очекувам да дојде и да не бодри, можеме да изненадиме, зошто не би било така? Имаат квалитет, имаат и искуство, но не сме без шанси, напротив ќе дадеме се од себе да дојдеме до нашата поставена цел, а тоа е некоја победа во овој циклус од квалификациите. Наша задача ќе биде да влеземе фокусирани во натпреварот, да играме со максимален интензитет од прва до последна минута, и со тоа, се надевам да дојдеме до првата победа во квалификациите кои сите ја посакуваме, и за која работиме подолг период, во континуитет“.

Влезот за натпреварот меѓу Македонија и Украина е слободен.

ПретходноМакедонија У15: Втор пораз од Србија
СледноФутсал репрезентацијата на Македонија подобра од Црна Гора со 2:1 на првиот контролен дуел во Скопје