Лазаров: Тешко се победува на гостински терен ако не сте доволно добри!

693
Фото: rankinis.lt

Македонската машка ракометна репрезентација по првите две квалификациски кола за пласман на Европското првенство 2026 година има победа и пораз. Избраниците на Кирил Лазаров по триумфот во Скопје, денеска беа совладани од Литванија на гостински терен со 29-27.

Лазаров на оваа средба не можеше да се потпре на Иван Џонов и Марко Митев, и двајцата на последниот тренинг се здобиле со повреди. Иако нивната желба беше да играат и тоа го сторија кратко, сепак поради повредите не биле подготвени да го издржат темпото на мечот.

Предводникот на нашиот национален тим и пред дуелот предупреди дека за победа на гостински терен треба да се биде многу добар.

„Очекував тежок натпревар и тоа се случи. Тешко се победува на гостински терен ако не сте доволно добри, денеска сите играат ракомет. Бевме хендикепирани со повредите на Митев и Џонов. И двајцата изразија желба да играат, но не беа доволно подготвени за ваков тип на натпревар.

Имавме и добри и лоши моменти. Бевме во игра до крај за победа, но поснаодливи на крајот беа Литванците. Спортиски им честитавме“, ни изјави Лазаров.

Простор за паника нема, Македонија има уште четири меча до крајот на квалификациите, а Лазаров како и секогаш верува дека ќе го завериме нашето место на ЕП.

„Нема простор за паника. Целта е Македонија да се пласира на Европското првенство. Мислам дека имаме реални шанси, останатото ќе се обидеме да го поправиме и да го корегираме. Фалат браќата Костески и Јагуриноски, имаме простор за напредок“, додаде Лазаров.

Македонија го дели второто место во групата со Литванија, лидер е Словенија која за малку ќе киксираше на гостувањето кај Естонија која пак не реализираше пенал за реми.

ПретходноOФИЦИЈАЛНО: Рома го отпушти Јуриќ
СледноЕргин Атаман пренесен во болница по натпревар од грчката лига