Македонската олимпијка во таеквондо, Милијана Релиќ, викендов во Загреб освои бронзен медал. Со ова, таа почна со собирање поени за Олимписките игри Лос Анџелес 2028 година.
На големиот меѓународен натпревар од светските Г1 турнири во Загреб, Релиќ поради подоброто рангирање во првото коло беше слободна. Потоа, во наредното второ коло ја победи извонредната американка Хлое Чуа со 2:0 во рунди. Исто така, во борбата за медал, во нерешена борба и со одлука на судиите, Релиќ ја совлада и србинката Надја Савковиќ со скор 2:1. Во досегашните натпревари, Савковиќ извојувала три победи над нашата олимпијка. Во полуфиналето во Загреб, Релиќ изгуби од шпанката Арлет Ортиз Бените.
Новоосвоените поени се дел од светската и олимписката ранг листа како увертира за норма за Олимписките игри Лос Анџелес 2028 година.