Неверојатната и тешко повторлива кариера на Рафаел Надал заврши со поразот на Шпанија од Холандија во четвртфиналето на Дејвис купот. Еден од најдобрите тенисери на сите времиња потврди дека со тој пораз доаѓа крајот на неговата професионална тениска кариера.
Започна во 2001 година, а заврши 23 години подоцна. Во текот на кариерата, леворакиот шпански ас стана единствениот тенисер во историјата кој три децении беше светски број 1. Тој стана победник на 92 турнири, од кои 22 од грен слем категоријата и 36 од серијата Мастерс 1000.
Кралот на земјата, како што го нарекуваа 14-кратниот победник на Ролан Гарос, четири пати го освои УС Опен, по два пати на Вимблдон и на Австралија Опен. Само од настапите на турнирите во кариерата има заработено 134,95 милиони американски долари.
Завршувањето на неговата професионална кариера го наметнува прашањето што ќе прави сега Надал, а одговорот на тоа доаѓа од шпанските медиуми. Неговиот нов живот е веќе полн со договори и соработки, меѓу кои се веројатниот спектакл со неговиот голем ривал Роџер Федерер на „Сантијаго Бернабеу“ и обврските што ги има како амбасадор на Саудиска Арабија и тенисот.
Тој ќе се посвети на своите тениски академии, а се очекува тој и Федерер да станат селектори во Лејвер купот. Дополнително, актуелниот селектор на шпанската Дејвис куп репрезентација го гледа Надал за свој наследник. Надал сега дополнително внимание ќе насочи кон своите брендови, како и рестораните кои ги има ширум светот.