Бојан Миовски вечерва ја “запали“ фудбалска Шпанија. Во каталонското дерби Македонецот и тоа како учествуваше во победата на Џирона против Еспањол со 4:1. Два гола и една асистенција, имаше и една супер шанса за хет – трик, но сепак и ова е сосема доволно да им покаже на фановите на Џирона зошто дојде во овој клуб. За голови, секако!
По мечот „СпортСпорт“ комуницираше со СУПЕР – БОЈАН, а еве што тој кажа по блескавиот настап во Ла Лига вечерва, специјално за „СпортСпорт“:
“Како рекле? Што е мое ќе си дојде. Навистина тешко е да се дигнеш по промашениот пенал во ЛШ. Еве вечерва целиот труд што сум го вложил вроди со плод. Јасно е дека тука нема да застанам, ги знам своите квалитети и знам до каде можам да стигнам. Секако дека сум среќен и задоволен од мојот настап, но и од настапот на мојата Џирона. Ова беа за нас важни три бода во каталонското дерби. Се гледа дека од меч во меч сме се подобри. Тешко е да се игра на три фронта, но и убаво. Посебно во Лигата на Шампионите“ заврши Миовски.