Дамјан: Одбраната мора да биде цврста!

62

СпортСпорт во Клаипеда, Марија Ковачева

Македонската кошаркарска репрезентација вечерва (18:30 часот по македоснко време) во Клаипеда го игра реванш мечот против Литванија во рамките на 4-то квалификациско коло за пласман на Европското првенство 2025 година. Пред три дена нашиот национален тим беше совладан на домашен терен со 82-67.

Дамјан Стојановски кој се врати во националниот тим со цел да помогне во битката за пласман на Европското првенство 2025 година, верува дека можат да одиграат многу подобро од Скопје, особено што ќе бидат подготвени на погруба игра во одбраната. Судиите во одредени моменти беа толерантни и наклонети кон Литванците, иако тоа не беше потребо за една кошаркарска велесила како нив.

„Дефинитивно ќе биде поинаков натпревар од Скопје. Наша главна задача ќе биде да одиграме цврсто во одбраната, не треба им дозволиме на Литванците брзо да направат разлика. На првиот меч бевме изненадени од критериумот на судиите, им дозволија на кошаркарите на Литванија груба игра во одбраната, а тоа беше и причината што брзо дојдоа до убедливо водство“, ни изјави Дамјан Стојановски.

За очекување е трибините да бидат исполнети, Арената има капацитет од 6.000 места, што пак ќе биде голем мотив за противникот. Но, нашите момци знаат да играат и пред ваква атмосфера, а олеснителна околност е што Ненад Димитријевиќ ќе биде на теренот.

„Свесни сме дека трибините ќе бидат исполенти до последно место бидејќи Литванците се големи фанатици кога станува збор за кошарката, но тоа може да биде дополнителен мотив и за нас. Мора да одиграме максимално во сите 40. минути доколку сакаме да бидеме егал, не смее да им оставиме простор за лесни поени, мора да го поправиме и скокот. Не се откажуваме, поразот во Скопје го оставивме зад себе.

Во составот го имаме Нено со кого работите во нападот ќе течат поинаку. Со него тимот ќе добие друг лик, ќе се отворат повеќе шанси, ќе добиеме на свежина. Нено веќе има евролигашко искуство кое е од големо значење за нашата репрезентација“, вели Дамјан, кој заедно со неговиот брат Војдан беа дел од генерацијата 2011 година и историското 4-то место.

Македонија ќе чекореше по поинаков пат доколку квалификациите се играа според стариот систем, а не во циклуси, кои се голем проблем за земји како нашата чии кошаркари настапуваат во Евролига или пак во Америка.

„Навистина ми е криво што не сме комплетни за овие два меча, за тоа што во овие квалификации не настапивме заедно со Хап, Јакимовски и Нено на сите три претходни натпревари, ќе имавме големи шанси да се пласираме на Европското првенство. Имаме добар состав, но ете немаме среќа да одиграме во најсилен состав“, коментира Дајман. 

Македонија пред четвртото коло има скор од победа и два порази, само триумф на овој дуел може да ни даде надеж за сонот наречен – Европско првенство 2025 година, спротивно сценарио не ни одговара.

ПретходноВардар има што да покаже во Охрид на дуелот со Воска!
СледноРасинг е шампион на Копа Судамерикана! (ФОТО)