Куманово ја запиша петтата победа во низа, откако на домашен терен го совлада Вардар со убедливи 95-67 во првиот меч од 11-то коло во Првата лига. Избраниците на Марин Докузовски имаат скор од седум победи и четири порази, и по комплетирање на ова коло ќе ја чекаат стартната позиција за Купот на Македонија.
Кошаркарите на Куманово дуелот го решија после едно полувреме. За кратко време поведоа со двоцифрени 19-4, а после првата четвртина водеа со 25-11. На стартот на вториот период поведоа со плус 25 (38-13) и тука веќе го најавија својот триумф. На одморот беше 52-27 во корист на домашниот тим, кој во продолжение рутински го приведе дуелот.
Радукиќ со 26 поени и Луковиќ со 25 поени беа лидери кај победникот, на другата страна Бајрам имаше 14 поени.
Во својата серија од пет победи, Куманово ги победи уште Чаир, Работнички, Шкупи и Феникс.