Жарко Пешевски, актуелниот пикер на нашата репрезентација, ја продолжи соработката со својот Е. Пелистер. Ова значи дека Пешевски ќе го носи дресот на нашиот шампион најмалку и во сезоната 2025/26. Секако дека со ова битолчани завршија голема работа.
Инаку за ова од Е. Пелистер дојде и официјална потврда:
„Шампионот на Македонија продолжува со својата стратегија да ги задржи најбитните елементи од последните две шампионски генерации што е можно подолго во клубот. Во таа линија горди сме и на денешниот потпис. Репрезентативниот кружен напаѓач и еден од капитените на Еурофарм Пелистер, Жарко Пешевски се обврза на нов едногодишен договор, со опција и за втора сезона во нашиот дрес.
По враќањето од Германија, Пешевски пронајде своја нова домашна средина во Битола и задоволство ни е што нашиот проект се совпаѓа со неговиот. На половина година од истекот на стариот договор парафиравме нов, со желба и тој да биде успешен како претходниот.
33-годишниот Жарко Пешевски пред две и пол години од Штутгарт се врати во Македонија и потпиша за Еурофарм Пелистер. Покрај овие два клуба настапуваше уште за Металург и Мотор Запорожје.