Кирил Лазаров одлично ја подготви Македонија за првиот дуел против Унгарија. Неговите избраници ги спроведоа задачите на дело, а македонската ракометна репрезентација изгледаше светски на првата средба.
Денеска против Холандија ќе биде поинаку, но најважно е што во тимот има добра атмосфера, а на трибините Македонија повторно ќе има поддршка од фановите. Кире признава дека стилот на игра на Холандија помалку ни одговара, но тие ќе го дадат максимумот.
„Се среќаваме со противник кој има бековска линија од ПСЖ и од Фленсбург, кој инсистира на брза игра, повторувам, тоа е топ-репрезентација, коефициентите ја прават голем фаворит, но тоа е во ред, ние сме фокусирани на сопственото издание и верувам дека ако бидеме на посакуваното ниво ќе можеме да се надеваме на позитивен резултат. Заморот од дуелот со Унгарија нема да има никакво влијание, кога ќе почне едно Светско првенство зборот замор не постои, проработува адреналинот“, истакнува македонскиот селектор.
Натпреварот меѓу Македонија и Холандија е закажан со почеток во 18 часот, директен пренос ќе има на МРТ.