Кирил Лазаров ги издржа сите ниски удари, остана исправен и создаде воини!

1873

Малкумина беа кои веруваа во она што Кирил Лазаров го имаше зацртано како мисија и визија по завршување на неговата играчка кариера. Многумина му замеруваа што веднаш се зафати со селекторската работа, потценувајќи и заборавајќи го неговиот карактер. Лазаров од Светското првенство во Краков 2023 година па наваму постојано беше на мета на критики, едноставно не се бираа зборови…

Како и во својата играчка кариера, така и сега остана исправен пред сите предизвици, ударите го мотивираа повеќе, веруваше во она што го работи. Гласно повторуваше дека на оваа нова генерација и е потребно време, трпение и поддршка. И тој како и неговите избраници растеше од меч од меч, го собираше искуството, минусот го претвараше во плус, избираше борци кои ќе можат на теренот лавовски да се издигнат по секој удар, по секој пораз или пропуштена шанса.

Ја создаде формулата пред ова Светско првенство. Точно знаеше каков профил на ракометари ќе бидат потребни за да сите заедно ја вратат вербата кај македонската нација за ракометната иднина.

За Лазаров, Македонија е дефинитивно на прво место. Колку и да изгледа како клише, тој е неуморен борец за подобро утре, роден победник. Сега ова го докажува покрај теренот. Младата и неискусна репрезентација на ова Светско првенство покажа срце и борбеност. Тој не само што ги учи како да играат, туку и како да веруваат во себе, како да се издигнат над предизвиците и како да играат со душа за светиот дрес, за својата татковина.

Кире е инспирација за овие млади момци. Секој негов збор е влеан со страст и љубов кон ракометот. Тој се обидува да ги научи сите во тимот дека ракометот е повеќе од спорт, дека ракометот е борба, сон и гордост.

Македонските ракометари под негово водство станаа синоним за единство и храброст. Гледајќи како играат на овој шампионат во Вараждин, нема Македонец кој во овие студени јануарски денови повторно не се чувствуваше горд. Срцата на македонските фанови повторно се разиграа во ритамот на борците во „црвена-жолта“ боја.

Кирил Лазаров ни покажа дека не е важно само да победиш, туку како се бориш. Неговата приказна е доказ дека не постојат граници кога станува збор за татковината.

Она што до сега го изради, системот кој го создаде, во иднина треба да се негува. Лазаров мора и треба да ја има поддршката и во иднина. И самиот кажа дека после секој успех ние Македонците знаеме да се опуштиме, знае дека ќе биде тешко да го задржи истиот фокус, но е подготвен да работи на тој „сладок“ проблем.

„Ние, Македонците знаеме после секој успех да се опуштиме, ќе биде многу тешко да го задржиме кај играчите овој фокус, нема да биде лесно,. Противниците ќе не гледаат со други очи, но тоа е работа на стручниот штаб, сите репрезентации го имаат тој сладок проблем“, ова е најава дека неговата визија е да продолжи да го подига нивото на репрезентацијата.

Со макотрпна работа и сплотеност од сите оние кои мислат за доброто на ракометот, оваа Македонија може да им пркоси на поголемите имиња. Тоа го видовме во Вараждин, а истото го очекуваме во иднина.

Лазаров создаде магија, да, спортска, ракометна магија кај сите во репрезентацијата. Сега тие ракометари се едно, дишат како еден, знаат што сакаат, и најважно знаат како да дојдат до тоа што го сакаат.

Штета што во одредени моменти немавме среќа пред се на средбите со Унгарија и Австрија, да не говориме за тоа што се случуваше со Холандија. Македонија како и да го заврши и на кое место на крај ќе биде на ова СП, тоа ќе биде голем успех. Не толку според пласманот туку поради тоа што се виде дека оваа генерација на ракометари под водство на Лазаров, може многу на следните големи натпреварувања.

Секако. Ова да се случи, Лазаров да биде таму каде што е сега, најголема заслуга има претседателот на РФМ, Живко Мукаетов. Човекот е визионер, ги изненади сите кога заедно со своите соработници му даде шанса на Лазаров да биде селектор. Но, сега се гледа дека Мукаетов донесе вистинска одлука. Не само што Лазаров направи смена на генерациите, туку сега направи тим кој сака да игра од срце за Македонија.

И Муакетов, како и селекторот, беше подложен на критики за се она што се случуваше во изминатите две – три години, и тоа од оние кои не сакаа да ја погледнат иднината, кои не се визонери…

Претседателот на РФМ и вчера кажа дека заедно со Лазаров стоеички ги поднеле сите тие критики зошто знаеле што прават, дека знаеле дека тоа е вистинскиот и единствениот правец за нашата ракометна репрезентација.

ПретходноФилип Кузмановски и натаму на врвот на листата на најдобри стрелци!
СледноСантос го убеди Нејмар, се чека само согласност од Ал Хилал