Македонската одбојка ја доби честа и одговорноста да организира една од групите на машкото сениорско Европско првенство во 2023, а тоа значи дека македонските одбојкари третпат по ред ќе учествуваат на континенталните самити. Добрата вест за одлуката на ЦЕВ да ја прифати апликацијата на ОФМ, на премиерот Зоран Заев и на челниците на македонската одбојка лично им ја соопшти првиот човек на Европската одбојкарска конфедерација Александар Боричиќ. На денешниот состанок во нашата Влада, претседателот на ЦЕВ го истакна постојаниот ангажман на ОФМ во организација на меѓународни настани, како и резултатите на одбојкарскиот терен во последно време. „Сега кога Владата ја поддржува организацијата на големите европски настани според највисоки стандарди, а тоа се однесува на Европската сребрена лига 2021, на Европското првенство за одбојкарки до 19 години во 2022, како и на една група од сениорското машко Европско првенство во 2023, можам да кажам дека Одбојкарската федерација Македонија им се доближи на најдобрите организатори на големите одбојкарски настани во Европа“, рече Боричиќ.
Добрата вест од ЦЕВ е предвесник на периодот предвиден за машката сениорска репрезентацијата којашто наскоро ќе ги почне подготовките за настапот во Европската сребрена лига. Првиот турнир од неа од 21-23 мај, како и завршниот на 5 и на 6.јуни ќе бидат одржани во салата „Парк“ во Струмица, а тоа ќе биде дополнителна предност во амбициите да се освои златниот медал. Македонските одбојкари потоа ќе тренираат за учеството на Европското првенство во септември, а во меѓувреме ќе ги дознаат противниците во групната фаза и државата каде што ќе настапуваат. Коорганизатори на ЕП 2021 се Полска, Финска, Чешка и Естонија.