Раководството на Манчестер Јунајтед донесе одлука за иднината на играчот од средниот ред Кристијан Ериксен. Договорот на Данецот со „црвените ѓаволи“ истекува на лето и нема да биде обновен, па како слободен играч ќе го напушти „Олд Трафорд“, открива експертот за трансфери Фабрицио Романо.
“Кристијан Ериксен наскоро ќе почне да разгледува опции за продолжување на кариерата. Тој ќе го напушти Манчестер Јунајтед на крајот на сезоната. Неговиот договор нема да биде продолжен и тој ќе стане слободен играч на лето”, пренесува Романо.
Не недостига интерес за 33-годишниот плејмејкер, па тој ќе има многу избори за нов клуб. Се зборува дека Данецот би можел да се врати во Ајакс, но други тимови секако ќе се обидат да го ангажираат.
Ериксен дојде на Олд Трафорд како слободен играч откако го напушти Брентфорд во 2022 година. За „црвените ѓаволи“ досега има запишано 93 натпревари, на кои на заслуга има 7 гола и 17 асистенции.